НАЈНОВО

Бањски гостин

Херман ХЕСЕ
  • Бањски гостин е најнепознатата, но и најзабавната книга на Хесе. Како што ќе рече самиот, записите за бањското лекување „се моја најлична и најсериозна книга, зад полушеговита фасада“. Таа спаѓа во најзначајните автобиографски текстови на Хесе.
  • Поради проблемите со ишијас и костобол, 46-годишниот Хесе се упатил во швајцарската бања Баден, чија топла вода богата со хлор и натриум ја фалел уште Тацит. Таму тој - пустински осаменик и уметничка душа - е ставен на строг бањски режим и на уште потегобната неопходност постојано да се среќава и да се дружи со своите „собраќа по страдање“.
  • На крајот, по многу измачувачки, но и комични ситуации, Хесе со тага се разделува од сите нив, препороден и одново свесен за вистинските животни вредности.

Денес е петок

Ернест ХЕМИНГВЕЈ
  • Маж и жена во љубовна расправија, млад војник на испрашување кај претпоставениот, девојка која доживува разочарување во својата прва љубов, старец кој седи пред реката не можејќи да го помине мостот и да го остави целиот свој живот зад себе, млади луѓе во вителот на граѓанската војна во Шпанија – сите овие личности од приказните на Хемингвеј, фатени во канџите на животот, се наоѓаат среде конфликтни ситуации во кои е тешко да се најде излезот. Но излезот секогаш постои.
  • Има мигови кога умот, заматен од голем умор или од лутина, не може да ја открие целта на дејствувањето. Но мажот и жената знаат дека мораат да продолжат во животот, макар и секој по својот пат. Учесниците во вителот на војната, мртви од умор и разочарани од неостварените идеали, знаат дека мораат и утре да бидат војници.
  • И покрај разочарувањата, и покрај смртните опасности и неминовноста да се збогуваме со довчерашното постоење – секогаш постои една мала светла точка на крајот од тунелот.


Ѓаволот на перверзноста

Едгар АЛАН ПО
  • Расказите и есеите на Едгар Алан По застапени во оваа необична збирка се вистински репрезент на неговото оригинално писателско перо, на богатата имагинација и на неговиот префинет вкус. Според Шарл Бодлер, неговите дела се необични, небаре создадени за да ни покажат дека необичното е еден од составните делови на убавото.
  • Никој не пишувал со повеќе привлечност за исклучителното во животот на луѓето и на природата; за жестоката љубопитност кај човекот; за крајот на годишните времиња полни со возбудлив сјај, за времето - блескаво, влажно и магловито - кога јужниот ветар разнежнува и ги олабавува нервите, како жици на некој инструмент, кога очите се полнат со солзи кои не доаѓаат од срцето; за привиденија во кои во почетокот постои сомнение, за наскоро да станат убедливи и разумни; за невозможното што ì се наметнало на интелигенцијата и кое ја води со непопустлива логика; за хистеријата која краде нешто од волјата, за спротивноста меѓу нервите и духот, и за човекот кој е толку растроен што болката ја изразува со насмевка.
  • Едгар Алан По го истражува она што е најнепостојано, тој го одмерува и подробно го опишува немерливото, чии последици се ужасни, сето она што лебди околу човекот од нерви и го води во злото.


Снеговите на Килиманџаро

Ернест ХЕМИНГВЕЈ
  • Главната личност во расказите на Ернест Хемингвеј е човек соочен со светот во кој владеат злото и насилството. Во тој конфликт човекот се учи како да ја зачува човечноста, како треба да се однесува во животните несреќи и во смртните маки. Тој хемингвеевски кодекс на однесување е основната нишка што се провлекува низ сите раскази во оваа книга – од класичното ремек-дело Снеговите на Килиманџаро до приказните од воена Шпанија.
  • Во нив, низ директни сведоштва, авторот ни ја слика малку познатата и најчесто запретана страна на војувањето. Во сите нив доаѓаат до израз чувствата на „изгубената генерација” разочарана од војната, губењето на вербата во традиционалните вредности, свеста за насилството и за близината на смртта.
  • Но дури и кога е најтешко, во човекот се буди нагонот за преживување и вербата дека има за што да се живее.

За љубовта

Хозе ОРТЕГА и ГАСЕТ
  • Сериозен и опсежен оглед за љубовта, еден од најзначајните што се  направени некогаш. Популарна психологија за филозофијата на љубовта и за нејзиното значење во човековиот живот. Авторот го следи нејзиниот развој од минатото, па сè до наши денови, нè предупредува за несогласувањата што настануваат на тоа поле и ни нуди широк спектар на размислувања и идеи за решавање на појавените проблеми. Во своите редови, тој им оддава почит и на своите величествени претходници, од Платон и Стендал, па сè до Ниче.
  • Тој смета дека „пред совршената женска убавина мажот се чувствува како турист, а не како љубовник“. За него, еротското кое престанува да се крие станува сè друго само не еротика, а уште помалку љубов. Според Ортега, човештвото зависи од жените. Од жените зависи квалитетот на мажите, од жените зависат нивните стремежи и нивните дострели.
  • Авторот нè повикува да се свртиме кон животворната сила во себе и да не забораваме дека вистинската љубов никогаш не умира. Љубовта е порив и стремеж на човекот кон совршенство.

Мајка

Перл БАК
  • Мајка е најубавиот роман на Бак. Напишан едноставно, со стегнат но богат јазик, тој е топла и таговна приказна за судбината на една мајка која живее во мало селце некаде во Кина.
  • Интуитивно врзана за земјата и за своите деца, животот одеднаш и се менува кога се наоѓа напуштена од својот сопруг. Таа мора да се бори самата, не само за да им обезбеди егзистенција на своите деца, туку и да ја сочува својата чест.
  • Иако П. Бак никогаш не и го кажува името, со секоја наредна страница мајката расте во нашите очи додека се судира со страдањата - секој ден во текот на нејзиниот живот. Годините и се долги, тешки и осамени, полни со длабока тага за судбината на нејзините деца, со скриени гревови и искушенија. На крајот, раѓањето на нејзиниот долгоочекуван внук и носи радост и ослободување од вината за гревот сторен во младоста...

Заробеници на молкот

Виолета ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА
  • Препознатливоста на Танчева-Златева, како оформен поет со јасна порака и успешно разгатнување на светото поетско писмо, и во оваа книга се движи по својот исклучително раскошен авторски правец. Таа, како креатор, се впушта во големиот предизвик, во походот да се освои песната или, подобро кажано, да се создаде едноставна и силна песна.
  • Тргнувајќи од едната и единствена формула, ако може така да се каже, за создавањето на вистинската поезија - искреноста - Танчева-Златева новите песни ги темели врз возвишеноста на препораката која животот, како најголем поет, ја посејува насекаде околу нас. Умешноста на поетите е тој подарок од природата да го видат, да го доживеат и да го препознаат и да го пресликаат врз белината, на хартијата, како доказ за постоењето и навременото пронаоѓање на единствениот спој. А Виолета Танчева-Златева е вистински мајстор за нивното пронаоѓање.
  • Поетската збирка Заробеници на молкот е мајсторски создадена дијадема од зборови, дилеми, копнежи, повтежи, искрености кои реално ја восприемаат големината и комплексноста на животот, погледната низ призмата на поетот.

Етика

Барух ДЕ СПИНОЗА
  • Влијанието и значењето на Спиноза е исклучително големо во историјата на филозофијата. Иако е еден од ретките индивидуалисти во историјата на етиката, тој се залага за општото добро меѓу луѓето и не пропушта ниту една можност да ги поучи луѓето на солидарност, која го обезбедува и личното и колективното добро.
  • Иако е сложена во мотивите, Етика претставува исклучително суптилен и софистициран опис на најнежните движења на човечката душа, па дури и практичен прирачник за водење на (по)добар живот.
  • Таа содржи многу вистински поуки за љубовта, за меѓусебните односи, за општеството, бракот и принципите на мислење кои доведуваат до блаженство во индивидуалниот живот. Конечно, насловот Етика воопшто не е случаен, тој е избран токму за да ја покаже поврзаноста меѓу метафизиката и практичниот живот, со неговите секојдневни проблеми и прашања.

Тимај

ПЛАТОН
  • Во редицата исклучително значајни дела на големиот Платон дијалогот Тимај од повеќе аспекти е едно од неговите најсистематски и најкомплексни дела. Во Тимај е концизно формулирана и презентирана контроверзната теорија на Платон која подоцна во историјата на филозофијата е основа за грандиозниот проект на модернизмот, односно на просветителството: „...Никој не е лош по своја волја; лошиот човек станува лош поради некоја лоша телесна карактеристика, како и поради несоодветното воспитување, а тоа секому му е одбивно и настанува против волјата“.
  • Но дали Платон имал право? Дали навистина луѓето грешат од незнаење и дали тие преку воспитувањето, образованието, политиката итн. може да се направат добри? За жал, историјата на светот не ги потврдува, барем не според фактите, овие Платонови концепти.
  • Некои луѓе грешат сосема свесно; тие знаат дека не треба да крадат, да убиваат и лошо да се однесуваат, а сепак го прават тоа! Но, се разбира, тоа не го обесмислува проектот на Платон и на сите други кои се обидуваат да ги направат светот и луѓето подобри и поубави бидејќи, како што вели Платон, „Сето она што е добро е воедно и убаво, а убавото не е можно без мера“.

Реторика

АРИСТОТЕЛ
  • Беседништвото како осмислен и ритмички обликуван начин на изразување, чија основна цел е убедување, придобивање слушатали за она што се заговара, е старо колку и самиот говор. Него Аристотел го крева на ниво на вештина заснована врз научни принципи. Својата длабока мудрост како филозоф и естетичар, прагматичар и систематичар на науките, тој ја излеал токму во ова дело. За него реториката е способност за научно составување на говорот, па тој детално ги образложува техничките методи на убедување, потоа видовите беседи, принципите на реторичкото докажување и побивање итн.
  • Реторика е вистински неисцрпен извор на значења и импликации врз повеќе аспекти од теоријата, но и во практичниот живот. Во неа аналитичноста на Аристотел е блескава; восхитувачки се неговите максимално подробни прикази на темите, како и исклучителната способност за проникнување во сите составни делови на нештата, без оглед дали станува збор за деловите на беседата, за чувствата и за различните карактери на луѓето, за стилот итн.
  • Вистински прирачник за секој човек кој го сфаќа говорот како моќно оружје со кое може да се постигне саканата цел.

 

Присутни

Има 14 гости присутни