Дознајте нешто повеќе за нас

првата независна издавачка куќа во Македонија

За нас

Ѓурѓа е првата независна издавачка куќа во Македонија, присутна со своите многубројни изданија веќе 31 годинa. Нашата куќа е одамна профилирана и препознатлива по цивилизациските и трајни вредности на делата и авторите што ги издаваме, а кои се неопходни во секоја национална култура.

Првата книга со нашиот знак излезе од печат во 1987 година. До денес имаме објавено над 1.000 наслови, од сите области на литературата и на науката, кои се наш своевиден заштитен знак.

Изборот на насловите е поврзан со една основна нишка која, иако се движи низ различни жанрови, ги следи трајните културни вредности. Имено, таа константа на изданијата на Ѓурѓа се потврдените вредности на делото и на авторот, без оглед на тоа дали станува збор за убавата книжевност, науката, публицистиката или уметноста. Во последниве пет години во нашите издавачки планови претежнуваат големите класици на реализмот, модерните класици, делата од класичната и римската уметност. Со своите реакции, голем број читатели покажуваат дека се задоволни од нашиот избор.

Инаку, Ѓурѓа стана препознатлива ширум Македонија многу одамна, речиси непосредно по своето формирање. Освен со одбраните наслови претежно од националната култура, тоа го постигна и со издавање на World Press ИЗБОР, списание кое нудеше богат избор од најактуелните настани од светскиот печат. Тоа беше првото и единственото списание од овој вид што во Македонија опстојуваше цели десет години. Најпрво излегуваше еднаш месечно, но од 1993 година излегуваше на секој 1-ви и 15-ти во месецот. Систематски следеше 60-на странски весници и списанија. Според темите (политика, економија, наука, сите области од културата итн.) тоа му беше наменето на поширокиот читателски аудиториум заинтересиран за различни мислења и ставови искажани од релевантни структури на сите меридијани во светот. Освен тоа, многу редакции и новинари, и од печатените и од електронските медиуми, го користеа списанието како своевиден билтен, пренесувајќи текстови или користејќи податоци за актуелни настани во светот, одгласи за настани во нашата земја во светските медиуми.

Малку подоцна Ѓурѓа почна и друг пионерски зафат – издaвање на познатата европска ревија за култура Lettre internationale, основано од господинот Антонин Лим од Париз, која овозможуваше следење на европските и светските трендови во одредени сфери на духот. Излегуваше во 13 земји во Европа, а македонското издание за многу кратко време стана достоен и конкурентен член на високите интелектуални кругови во Европа.  Ова списание со својата концепција пополни своевидна празнина во македонскиот културен простор. Квалитетот на ова списание, на кое му конкурираа малку списанија во Република Македонија, оставаше впечаток со својата мултимедијална концепција. Но вистинската негова предност ја согледуваме во синхроничноста на информациите. Во исто време кога определен текст се јавуваше на некој од јазиците на кои се појавуваше Lettre internationale во Европа, тој се појавуваше и во нашето издание со што македонските читатели стануваа соговорници во европскиот културен простор.

Исто така, под нашиот знак, на македонската читателска публика и’ беа претставени еротското списание Допри ме нежно… и енигматското списание Кефало, кои повеќе години успешно опстојуваа на македонскиот пазар. Тоа беа едни од првите списанија од ваков вид во Македонија.

Ѓурѓа беше покренувач и неколкугодишен организатор и на мошне значајната Меѓународна изложба на 10 х 10 најчитани книги, на која ги претставуваше 10-те најчитани и напродавани книги во 10 земји во светот. Со тоа не само што му овозможуваше на македонскиот читател актуелен увид во читачките трендови, туку ја вклучуваше и Македонија во современите културни случувања во светот.

Ѓурѓа е единствениот македонски издавач кој со години се труди да им ги направи достапни на македонските читатели и големите имиња од светската уметност, со издавање на голем број колор-монографии за животот и делото на најзначајните светски сликари и вајари, секоја од нив збогатена со 32 репродукции од застапениот автор. Но во значајната едиција Ликовна уметност не заборава да ги вклучи и македонските уметници, кои оставиле значајни траги во македонската уметност, но кои и понатаму плодно творат и ја збогатуваат нашата култура.

Подготвени сме за нови предизвици и за да ги повториме веќе докажаните успеси.