НАЈНОВО
Бањски гостин
Херман ХЕСЕ
Денес е петок
Ернест ХЕМИНГВЕЈ- Маж и жена во љубовна расправија, млад војник на испрашување кај претпоставениот, девојка која доживува разочарување во својата прва љубов, старец кој седи пред реката не можејќи да го помине мостот и да го остави целиот свој живот зад себе, млади луѓе во вителот на граѓанската војна во Шпанија – сите овие личности од приказните на Хемингвеј, фатени во канџите на животот, се наоѓаат среде конфликтни ситуации во кои е тешко да се најде излезот. Но излезот секогаш постои.
- Има мигови кога умот, заматен од голем умор или од лутина, не може да ја открие целта на дејствувањето. Но мажот и жената знаат дека мораат да продолжат во животот, макар и секој по својот пат. Учесниците во вителот на војната, мртви од умор и разочарани од неостварените идеали, знаат дека мораат и утре да бидат војници.
- И покрај разочарувањата, и покрај смртните опасности и неминовноста да се збогуваме со довчерашното постоење – секогаш постои една мала светла точка на крајот од тунелот.
Ѓаволот на перверзноста
Едгар АЛАН ПО- Расказите и есеите на Едгар Алан По застапени во оваа необична збирка се вистински репрезент на неговото оригинално писателско перо, на богатата имагинација и на неговиот префинет вкус. Според Шарл Бодлер, неговите дела се необични, небаре создадени за да ни покажат дека необичното е еден од составните делови на убавото.
- Никој не пишувал со повеќе привлечност за исклучителното во животот на луѓето и на природата; за жестоката љубопитност кај човекот; за крајот на годишните времиња полни со возбудлив сјај, за времето - блескаво, влажно и магловито - кога јужниот ветар разнежнува и ги олабавува нервите, како жици на некој инструмент, кога очите се полнат со солзи кои не доаѓаат од срцето; за привиденија во кои во почетокот постои сомнение, за наскоро да станат убедливи и разумни; за невозможното што ì се наметнало на интелигенцијата и кое ја води со непопустлива логика; за хистеријата која краде нешто од волјата, за спротивноста меѓу нервите и духот, и за човекот кој е толку растроен што болката ја изразува со насмевка.
- Едгар Алан По го истражува она што е најнепостојано, тој го одмерува и подробно го опишува немерливото, чии последици се ужасни, сето она што лебди околу човекот од нерви и го води во злото.
Снеговите на Килиманџаро
Ернест ХЕМИНГВЕЈ- Главната личност во расказите на Ернест Хемингвеј е човек соочен со светот во кој владеат злото и насилството. Во тој конфликт човекот се учи како да ја зачува човечноста, како треба да се однесува во животните несреќи и во смртните маки. Тој хемингвеевски кодекс на однесување е основната нишка што се провлекува низ сите раскази во оваа книга – од класичното ремек-дело Снеговите на Килиманџаро до приказните од воена Шпанија.
- Во нив, низ директни сведоштва, авторот ни ја слика малку познатата и најчесто запретана страна на војувањето. Во сите нив доаѓаат до израз чувствата на „изгубената генерација” разочарана од војната, губењето на вербата во традиционалните вредности, свеста за насилството и за близината на смртта.
- Но дури и кога е најтешко, во човекот се буди нагонот за преживување и вербата дека има за што да се живее.
За љубовта
Хозе ОРТЕГА и ГАСЕТ- Сериозен и опсежен оглед за љубовта, еден од најзначајните што се направени некогаш. Популарна психологија за филозофијата на љубовта и за нејзиното значење во човековиот живот. Авторот го следи нејзиниот развој од минатото, па сè до наши денови, нè предупредува за несогласувањата што настануваат на тоа поле и ни нуди широк спектар на размислувања и идеи за решавање на појавените проблеми. Во своите редови, тој им оддава почит и на своите величествени претходници, од Платон и Стендал, па сè до Ниче.
- Тој смета дека „пред совршената женска убавина мажот се чувствува како турист, а не како љубовник“. За него, еротското кое престанува да се крие станува сè друго само не еротика, а уште помалку љубов. Според Ортега, човештвото зависи од жените. Од жените зависи квалитетот на мажите, од жените зависат нивните стремежи и нивните дострели.
- Авторот нè повикува да се свртиме кон животворната сила во себе и да не забораваме дека вистинската љубов никогаш не умира. Љубовта е порив и стремеж на човекот кон совршенство.
Мајка
Перл БАК- Мајка е најубавиот роман на Бак. Напишан едноставно, со стегнат но богат јазик, тој е топла и таговна приказна за судбината на една мајка која живее во мало селце некаде во Кина.
- Интуитивно врзана за земјата и за своите деца, животот одеднаш и се менува кога се наоѓа напуштена од својот сопруг. Таа мора да се бори самата, не само за да им обезбеди егзистенција на своите деца, туку и да ја сочува својата чест.
- Иако П. Бак никогаш не и го кажува името, со секоја наредна страница мајката расте во нашите очи додека се судира со страдањата - секој ден во текот на нејзиниот живот. Годините и се долги, тешки и осамени, полни со длабока тага за судбината на нејзините деца, со скриени гревови и искушенија. На крајот, раѓањето на нејзиниот долгоочекуван внук и носи радост и ослободување од вината за гревот сторен во младоста...
Заробеници на молкот
Виолета ТАНЧЕВА-ЗЛАТЕВА
Етика
Барух ДЕ СПИНОЗА- Влијанието и значењето на Спиноза е исклучително големо во историјата на филозофијата. Иако е еден од ретките индивидуалисти во историјата на етиката, тој се залага за општото добро меѓу луѓето и не пропушта ниту една можност да ги поучи луѓето на солидарност, која го обезбедува и личното и колективното добро.
- Иако е сложена во мотивите, Етика претставува исклучително суптилен и софистициран опис на најнежните движења на човечката душа, па дури и практичен прирачник за водење на (по)добар живот.
- Таа содржи многу вистински поуки за љубовта, за меѓусебните односи, за општеството, бракот и принципите на мислење кои доведуваат до блаженство во индивидуалниот живот. Конечно, насловот Етика воопшто не е случаен, тој е избран токму за да ја покаже поврзаноста меѓу метафизиката и практичниот живот, со неговите секојдневни проблеми и прашања.
Тимај
ПЛАТОН- Во редицата исклучително значајни дела на големиот Платон дијалогот Тимај од повеќе аспекти е едно од неговите најсистематски и најкомплексни дела. Во Тимај е концизно формулирана и презентирана контроверзната теорија на Платон која подоцна во историјата на филозофијата е основа за грандиозниот проект на модернизмот, односно на просветителството: „...Никој не е лош по своја волја; лошиот човек станува лош поради некоја лоша телесна карактеристика, како и поради несоодветното воспитување, а тоа секому му е одбивно и настанува против волјата“.
- Но дали Платон имал право? Дали навистина луѓето грешат од незнаење и дали тие преку воспитувањето, образованието, политиката итн. може да се направат добри? За жал, историјата на светот не ги потврдува, барем не според фактите, овие Платонови концепти.
- Некои луѓе грешат сосема свесно; тие знаат дека не треба да крадат, да убиваат и лошо да се однесуваат, а сепак го прават тоа! Но, се разбира, тоа не го обесмислува проектот на Платон и на сите други кои се обидуваат да ги направат светот и луѓето подобри и поубави бидејќи, како што вели Платон, „Сето она што е добро е воедно и убаво, а убавото не е можно без мера“.
Реторика
АРИСТОТЕЛ- Беседништвото како осмислен и ритмички обликуван начин на изразување, чија основна цел е убедување, придобивање слушатали за она што се заговара, е старо колку и самиот говор. Него Аристотел го крева на ниво на вештина заснована врз научни принципи. Својата длабока мудрост како филозоф и естетичар, прагматичар и систематичар на науките, тој ја излеал токму во ова дело. За него реториката е способност за научно составување на говорот, па тој детално ги образложува техничките методи на убедување, потоа видовите беседи, принципите на реторичкото докажување и побивање итн.
- Реторика е вистински неисцрпен извор на значења и импликации врз повеќе аспекти од теоријата, но и во практичниот живот. Во неа аналитичноста на Аристотел е блескава; восхитувачки се неговите максимално подробни прикази на темите, како и исклучителната способност за проникнување во сите составни делови на нештата, без оглед дали станува збор за деловите на беседата, за чувствата и за различните карактери на луѓето, за стилот итн.
- Вистински прирачник за секој човек кој го сфаќа говорот како моќно оружје со кое може да се постигне саканата цел.






















